Дончиќ повторно незадржлив: Го наполни кошот на Феникс и испиша нова историја (ВИДЕО)

Лука Дончиќ не одигра најдобро против Лос Анџелес клиперс пред неколку дена, но затоа се врати во форма против Феникс. Утринава тој го предводеше Далас до победа од 120-113 на гостински терен со 42 поени.

Младиот Словенец со тоа го израмни својот најдобар поентерски рекорд во НБА-лигата, а му недостигаше само уште еден скок за да стигне до трипл-дабл, бидејќи натпреварот го заврши со 9 скока и 11 асистенции. Интересно е тоа што Дончиќ стана само третиот кошаркар во историјата на НБА покрај Оскар Робертсон и Расел Вестбрук, што имал трипл-дабл просек во еден календарски месец со минимум 30 постигнати поени (32,4 поени, 10,3 скока и 10,4 асистенции по натпревар).

 Голема помош имаше од Тим Хардавеј јуниор со 26 поени, но затоа никаде го немаше Кристапс Порцингис, кој натпреварот го заврши со мизерни три поени. За Феникс ова беше шести пораз на последните седум натпревари.

Лос Анџелес лејкерс дојдоа до десеттата победа по ред откако пред своите гледачи го совладаа Вашингтон со 125-103. За Лејкерс ова е прва ваква серија по цели 10 години. Ентони Дејвис и Леброн Џејмс очекувано беа лидери на паркетот со 26 поени и 13 скока, односно 23 поени и 11 асистенции.

Трае Јанг постигна 49 поени, но тоа не беше доволна за Атланта да слави против Индијана, која дојде до победа од 105-104 по едно продолжение. Сан Антонио со 107-97 дојде до победа против Лос Анџелес клиперс, што беше втора за тимот од Тексас на последните 11 натпревари.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Мемфис - Јута 94-103
Детроит - Шарлот 107-110
Орландо - Торонто 83-90
Кливленд - Милвоки 110-119
Њујорк - Филаделфија 95-101
Мајами - Голден Стејт 122-105
Оклахома - Њу Орлеанс 109-104
Портланд - Чикаго 107-103