Дончиќ пцуе, ама и растура: Словенецот најефикасен во триумфот над Портланд

Кошаркарите на Далас маверикс врзаа две победи по ред во новата НБА-сезона и дојдоа до седмата позиција во моментов во Западната конференција со скор 12-10, откако ноќеска, по македонско време, на домашен терен го совладаа тимот на Портланд трејлблејзерс (111-102).

Јунак на вечерта беше повратникот во дресот на „телињата“, Словенецот Лука Дончиќ, кој со 21 поен беше најефикасен во својот тим додека Демијан Лилард со 33 поени беше најпрецизен кај противникот. Мечот го одбележа и пцовката која „чудото од дете“ ја покажа по еден неоправдано досуден прекршок, кога сочно го опци судијата, што убаво беше фатено на камера.

 

 

Дербито на Флорида заврши со триумф на Орландо меџик, кој со 105-90 го совлада локалниот ривал Мајами хит, за што најдобри беа Арон Гордон со 20 и Никола Вучевиќ со 19 поени. Џастин Винслоу со 14 поени беше најпрецизен кај „жешките“.

Кошаркарите на Јута Џез имаа одлична шутерска вечер во победата над Сан Антонио спарс (139-105), погодувајќи 20 тројки од 33 обиди. За некогашниот шампион од Тексас ова е дури 13. пораз сезонава.

Сакраменто кингс, пак, немаше проблеми против најлошиот тим на Западот, Феникс санс (122-105) додека Индијана пејсерс беше подобра од Чикаго булс (96-90).