Дончиќ одличен, но поразен во „дербито за Тексас“, нов трипл-дабл за Јокиќ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Сан Антонио спарс со кош во последната секунда дојдоа до триумф во синоќешното „дерби за Тексас“ против Далас маверикс (119-117), со што спречија да ги загубат сите дуели во една сезона против локалниот ривал за првпат во НБА-историјата.

Демар Дерозен беше јунакот во таборот на „спарси“, откако го погоди шутот за победа на пет десетинки до крајот. Тој воедно беше и прв стрелец во победничкиот тим со 33 поени, додека кај „телињата“ најдобри беа Кристапс Порзингис со 33 поени и Лука Дончиќ со 29 поени.

Добра индивидуална, а лоша тимска вечер имаше и српскиот интернационалец Никола Јокиќ, кој оствари нов трипл-дабл во поразот на неговиот Денвер нагетс во пресметката со Бостон селтикс (105-87). Гостите триумфот го остварија во последната четвртина, која ја добија со фантастични 31-8.

Јокиќ мечот го заврши со 17 поени, 10 скока и 11 асистенции, но и тој се вклопи во сивилото на „грумењата“ во последниот период. Најзаслужен за победата на „келтите“ беше Џејсон Тејтум со 28 поени и 10 скока, додека покрај Јокиќ солидни кај Денвер беа и Мајкл Портер јуниор со 21 поен и 11 скока и Факундо Кампацо со 14 поени.

Нагетс имаат скор 34-19 и се четврти на Западот, додека Бостон е петти на Истокот со 28-26.