Дончиќ ги „скрши“ обрачите и пак дојде до трипл-дабл, а Далас до – плејофот (ВИДЕО)

Лука Дончиќ имаше очајна шутерска вечер во која буквално ги скрши обрачите, но и покрај тоа дојде до трипл-дабл ефект во триумфот на Далас маверикс против Торонто репторс (114-110) со кој неговиот тим и официјално обезбеди директно место во плејофот.

Словенецот постигна само една тројка од осум обиди, а од игра имаше вкупен шут 7/19, што, сепак, му беше доволно за 20 поени, а на кои додаде11 асистенции и 10 скока. Голема помош доби и од летонскиот џин Кристапс Порзингис, кој средбата ја заврши со 21 поен и 10 скока, додека најефикасен кај „репторси“ беше Харис со 31 поен.

Мајстор за двоцифрен ефект во три статистички категории беше и вториот балкански суперхерој во НБА, Никола Јокиќ, кој за само 26 минути си дојде до својата вообичаена норма сезонава. Србинот во победата на Денвер нагетс против Детроит пистонс (104-91) реализира 20 поени со 15 скока и 11 асистенции, за 16. ваков учинок сезонава, а вкупно 57. во кариерата.

Со убедливите победи ноќеска против Оклахома сити тандерс односно Орландо меџик, екипите на Јута џез и Филаделфија 76 ги обезбедија првите стартни позиции пред плејфот во Западната и во Источната конференција. „Џезерите“ ќе го имаат вкупниот број еден во доигрувањето за титулата и во сите плејоф-серии ќе имаат можност да игра еден меч повеќе на домашен терен.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон – Кливленд 120-105, Детроит – Денвер 91-104, Оклахома – Јута 93-109, Филаделфија – Орландо 122-97, Далас – Торонто 114-110, Хјустон – Л.А. Клиперс 122-115, Мемфис – Сакраменто 107-106, Голден стејт – Њу Орлеанс 125-122.