Дончиќ-ефект: Името „Лука“ станува сѐ популарно меѓу Американците!

Сѐ поголем број деца во САД го добиваат името Лука, по словенечкиот кошаркар во дресот на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, кој буквално преку нож ги освои симпатиите на сите Американци.

Словенецот влезе во кругот најпознати кошаркари, кои се најзаслужни за бумот на нивните имиња меѓу американските новороденчиња, во кој се легенди како Шекил О'Нил, Коби Брајант и Леброн Џејмс. По влегувањето на Дончиќ во НБА во 2018 година, илјадници нови родители се решиле својот син да го наречат Лука, што и не е некое вообичаено име во САД.

„Нема поубаво чувство од тоа кога ќе чуете дека некој непознат човек го нарекол своето дете Лука. Тоа е чест, но и обврска за продолжување со уште понапорна работа на теренот“, изјави Дончиќ.

Пред влегувањето на Словенецот во САД, во 2017 година името „Лука“ било на 404. место според популарноста, а оттогаш постојано напредува на листата, за годинава да се „искачи“ на 163. место според статистиката за најпопуларни имиња во Северна Америка.