Доминација на Јокиќ за влез во историјата во НБА - најдобар во сите статистички категории!

Српската ѕвезда Никола Јокиќ игра сезона од соништата во најсилната кошаркарска лига, па центарот на Денвер влезе во историјата на НБА, како шести кошаркар кој успеал така да доминира и во сите можни статистички категории да биде – најдобар.

Јокиќ како од шега реди „трипл-дабл“ учиноци, неколкупати веќе надмина 40 поени по меч, постави личен и српски рекорд со 50 поени, а Крис Марлоу, коментаторот на мечевите на Денвер сега откри неверојатен податок.

Јокиќ е најдобар во сите можни статистички категории и параметри од сите кошаркари за еден клуб, според кои е кандидат и за наградата за МВП на сезоната. Јокиќ е убедливо најдобар по број на постигнати поени, по остварени скокови, по асистенции, по украдени топки, блокади, процент на шут, процент на слободни фрлања, како и по број на дабл-дабл и трипл-дабл учиноци.

Колку е сето ова неверојатно и за историја доволно говори фактот што само петмина во историјата на НБА успеале да стигнат до вакво нешто, а ни најголемите легенди не успеале да го остварат. Со ваква потполна статистика може да се пофалат Дејв Кауенс (1977/78), Скоти Пипен (1994/95), Кевин Гарнет (2002/03), Леброн Џејмс (2008/09) и Јанис Антетокумпо (2016/17).