Денвер најавува нов пресврт: Маестралните Јокиќ и Мареј им пресудија на Лејкерси (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс намалија на 1-2 во финалната плејоф-серија на Западот со ЛА Лејкерс, откако го добија синоќешниот трет меѓусебен дуел со 114-106.

Составот од Колорадо беше во водство во најголемиот дел од средбата, на моменти и со предност од 20 поени, но на крајот мораше да вложи огромен напор за да го задржи и да победи. „Езерџиите“ се доближија на само минус три во последните 200 секунди, но Џамал Мареј повторно одговори како вистински суперстар и со две тројки во низа стави точка на првиот триумф на „грумењата“.

Мареј со 28 поени и 12 асистенции заедно со Никола Јокиќ со 22 поени и 10 скока беа најдобри кај Денвер, додека Леброн Џејмс оствари трипл-дабл со 30 поени, 10 скока и 11 асистенции за тимот од Ел-Еј.

Денвер во претходните две рунди од доигрувањето во Западната конференција, против Јута џез и ЛА Клиперс, дојде до триумф со 4-3, откако беше во негатива од 1-3.