Денвер е само обичен тим без Јокиќ, историска партија на револверашот Лилард (ВИДЕО)

Демиан Лилард беше ѕвездата на синоќешната програма во НБА-лигата, откако постигна дури 60 поени во победата на Портланд трејлблејзерс против Јута џез (134-124).

За него ова е четврти меч во кој ја достигнува оваа граница, со што се изедначи со легендарниот Мајкл Џордан и со Џејмс Харден, додека убедливо најдобар во оваа категорија е Вилт Чембрлен кој дури 32 пати реализираше најмалку 60 поени. Лилард до овој учинок стигна со фантастична прецизност со погодени 21 удар од 29 обиди (9/15 за тројка), со 9/10 шута од линијата за слободни фрлања. Со ова, бекот на Портланд стана само четврти кошаркар кој постигнал најмалку 60 поени со повеќе од 70-отстотна прецизност по Чембрлен, Карл Мелоун и Дејвид Томпсон.

Лилард воедно се запиша во аналите на најсилната лига на светот како прв кошаркар кому му успеало да постигне најмалку 60 поени со помалку од 40 шута на противничкиот кош и тоа со дури 11 удари помалку, што е остварување за почит. За паметење е и фактот што во еден период реализира дури 20 поени во низа за „пионерите“. Со деветте тројки, пак, дојде до бројката 2.292 погодени удари за три поени со што го „прескокна“ Винс Картер на шестото место на вечната листа. Следен пред него е Кајл Корвер со 2.450 тројки, а лидер во оваа конкуренција е Стеф Кари со 3.278 тројки.

Кошаркарите на Денвер нагетс без помошта на Никола Јокиќ загубија во дуелот со Милвоки бакс (99-107), предводен од Јанис Адетокунмпо, кој постигна 33 поени (15 од линијата за слободни фрлања). Српскиот центар поради проблеми со тетивата и третпат во последните четири натпревари не се појави на теренот. Во тимот од Колорадо најефикасен беше Арон Гордон со 26 поени и 13 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Индијана 126-120, Филаделфија – Бруклин 137-133, Њу Орлеанс – Минесота 102-111, Хјустон – Вашингтон 103-108, Милвоки – Денвер 107-99, Оклахома – Атланта 132-137, Годен Стејт – Мемфис 122-120, Портланд – Јута 134-124, Сакраменто – Торонто 95-113, ЛА Лејкерс – Сан Антонио 113-104.