Брајант: Ќе им се смееме в лице на навивачите на Вориорс!

Голден Стејт е доминантниот тим во НБА-лигата изминатите неколку сезони. Тимот што победува секогаш добива многу нови навивачи, но и многу хејтери. 

Очигледно на Коби Брајант му е преку глава од доминацијата на Вориорс па вели дека работите набрзо ќе се сменат и „распука“ по новите таканаречени навивачи на овој тим.

„Ние (Лејкерс) во брзо време повторно ќе бидеме шампиони. И ќе им се смееме во лице на сите овие навивачи на Вориорс, кои се појавија од нигде никаде“, изјави легендата на Лејкерс, Коби Брајант.

Со доаѓањето на Леброн Џејмс тимот од Лос Анџелес по подолго време повторно покажа шампионски амбиции. Лејкерс моментално се петти на табелата на Западната конференција, додека Вориорс се четврти.

Актуелниот шампион утринава славеше против Атланта на гостински паркет со 128-111. Стеф Кари се врати од повредата и полека покажува знаци на добра форма, бидејќи беше лидер во постигнати поени со 30, додека Кевин Дурент и Клеј Томсон го следеа со 28, односно 27 поени.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Детроит - Оклахома 83-110
Бруклин - Кливленд 97-99
Њујорк - Вашингтон 107-110
Торонто - Денвер 103-106
Минесота - Хјустон 103-91
Њу Орлеанс - ЛА Клиперс 126-129