Ирвинг „побегна“ од Леброн, го трампаа за Ајзеа Томас

Во едно од најактивните лета во поновата историја на НБА-лигата се случи, досега, најголемата трампа. Кајри Ирвинг од Кливленд замина во Бостон, а во спротивна насока отиде Ајзеа Томас

Растурен е тандемот кој во 2016 година му ја донесе единствената титула на Кливленд и тоа по барање на Кајри Ирвинг. Талентираниот плејмејкер бараше да биде трампан и желбата му се оствари и тоа во голем стил. Тој оди во една од најлегендарните НБА-франшизи, Бостон Селтикс, а негова замена ќе биде досегашниот предводник на „зелените“, Ајзеа Томас.

Со оглед дека Бостон добива поголема ѕвезда и поперспективен кошаркар, мораше да даде нешто плус за трампата да биде избалансирана, затоа Заедно со Томас во Кливленд одат и Џеј Краудер и Анте Жижиќ.

„Кајри е еден од најдобрите поентери во НБА. Тоа го докажа на најголемата сцена, во финалињата во последните три сезони. Тој беше НБА-шампион, олимписки првак и четири пати во олстар-тимот. По се што достигна, ние веруваме дека најдобрите години допрва му доаѓаат“, вели Дени Ејнџ, претседателот на Селтикс.

И, веројатно, во право е со оглед дека најдобрата поентерска сезона на Ирвинг беше оваа последната, со просек од 25,2 поени по натпревар. Со оглед дека неговиот просек во шестгодишната кариера во НБА е 21,6 поени, очиледна е нагорната линија. Сега на Бостон му останува да го гради тимот околу него и да ја засили клупата.

Тој елемент му недостигаше и во минатосезонското финале, токму против Кливленд, кога Ајзеа Томас немаше голема поддршка. Три години постар од Ирвинг, 28-годишниот Томас експлодираше во 2016/17 со просек од 29 поени и шест асистенции, како најдобар поентер на Истокот. Сега ќе се најде во една поинаква улога, подредена на Леброн Џејмс, но ќе биде во реална можност да се бори за сонот на секој НБА-играч - шампионскиот прстен.