Балканско шоу во НБА: Јокиќ е пеницилин дури и за незапирливиот Харден (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс го совладаа сезонава одличниот тим на Хјустон рокитс (105-95), за што најзаслужен е српскиот интернационалец Никола Јокиќ, но и одбраната која целиот тим на „нагетси“ ја одиграа против најефикасниот досега во НБА, Џејмс Харден. Тоа беше комплетирање на синоќешното балканско шоу во најсилната лига на светот, по неверојатниот трипл-дабл на Лука Дончиќ во триумфот над Голден стејт.

Србинот средбата ја заврши со 27 поени и 12 скокови, доминирајќи на паркетот во најважните моменти од средбата. Со одличната дефанзива, пак, кошаркарите на Денвер ставија крај на низата од 21 средба во кои „ракетите“ ја надминуваа границата од сто поени во нападот. Харден беше запрен на, за него скромни, 27 поени со осум загубени топки и мал број шутеви од поле, пак според негови стандарди („само“ 16).

Дербито на вечерта се одигра во Лос Анџелес, каде што Клиперси по едно продолжение го совладаа Бостон селтикс (107-104), во меч во кој првпат заедно заиграа двете супер ѕвезди на овој тим, Каваи Ленард и Пол Џорџ, кои средбата ја завршија со 17 односно 25 поени. Најефикасен кај „клиперси“ беше Лоу Вилијамс со 27 поени, додека Џејсон Тејтум со 30 поени беше најпрецизен кај „селтикси“.

Во останатите средби ноќеска во НБА, Далас маверикс беше пресилен за Голден стејт вориорс (142-95), Вашингтон визардс го победи Сан Антонио спарс (138-1320, Милвоки бакс славеше на гостински терен против Атланта хокс (135-127), Филаделфија севентисиксерс беше подобра од Њујорк никс (109-104), Бруклин нетс го совлада Шарлот (101-91), додека Торонто репторс триумфираше против Орландо меџик (113-97).