Австралија само ги налути НБА-ѕвездите: САД се во финалето на ОИ

Кошаркарската репрезентација на САД се пласираше во големото финале на Олимписките игри во Токио откако утринава ја елиминираше Австралија со 97-78. 

НБА-ѕвездите имаа проблем во првите 15 минути од натпреварот, бидејќи до некаде до средината на втората четвртина имаа и негатива од 15 поени разлика. Потоа тимот на Грег Попович се разбуди и до полувремето ја намали негативата до 42-45. Во третиот период, Американците го збришаа противникот од паркетот и стигнаа до +19 разлика. Во финишот ништо не се промени со тоа што фаворитот имаше водство од највисоки +23, а на крајот резултатот гласеше 97-78.

Кевин Дурант со 23 поени беше најефиксен во победничкиот состав, додека Девин Букер имаше 20 поени. Пати Милс најмногу се истакна кај Австралија со 15 поени. 

САД во големото финале го чекаат победникот од пресметката помеѓу Словенија и Франција што се игра до 13 часот денеска.