Унгарскиот Солнок направи 21 порција гулаш од македонските „соколи“!

Кошаркарите на Карпош Соколи со пораз го почнаа дебитанскиот настап во групната фаза од ФИБА Еврокупот, откако вечерва загубија на гостувањето кај поранешниот АБА-лигаш, унгарски Солнок (73-94).

Македонскиот вицешампион беше во изедначена позиција само во првите неколку минути, по што домашните кошаркари направија серија 9-0 за првото двоцифрено водство (21-11) во осмата минута. Со тоа Унгарците најавија дека нема да дозволат бодовите да отпатуваат за Скопје, одржувајќи ја позитивата на сигурна дистанца. „Соколите“ на моменти знаеја да блеснат и делумно да ја намалат негативата, но немаа сили за целосен резултатски пресврт против тимот во кој игра нивниот лидер од минатата сезона, Кендрик Пери.

Американецот Мекфејден со 15 поени, шест скока и шест асистенции беше најдобар во тимот на Карпош Соколи, Кире Николовски и Стојан Ѓуроски реализираа по 11 поени додека Џејлен Браун беше стрелец на 13 поени. Една од причините за неуспехот на карпошани беше инфериорноста во скок-играта каде што собраа 20 топки помалку во однос на домаќинот (26-46).

Во вториот меч од групата Л, силите ги одмерија руски Нижни Новгород и унгарски Фалкон. Тимот од Русија е следниот ривал на македонскиот вицешампион, за една недела (25 октомври) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.