Турците сакаат да ја избркаат ѕвездата на Фенер поради – геноцидот над Ерменците!

Голема врева се крена во Фенербахче, каде што еден од најдобрите кошаркари на овој тим, Најџел Хејс Дејвис, предизвика гнев кај навивачите на својот тим, но и кај сите останати Турци.

Рекордерот во Евролигата по број на постигнати поени на еден натпревар, кој минатата сезона постигна 50 поени на мечот против Алба, приватно отпатува во Ереван, каде што го посети и Музејот на ерменскиот геноцид. Хејс Дејвис имаше серија објави, кои очигледно им пречеа на Турците, а една особено ги вознемири. Во прашање е постот во кој некои од тогашните водачи на турскиот народ беа означени како организатори на геноцидот. Самиот кошаркар објави нивни слики од музејот со опис „организатори на геноцид“, што предизвика гнев кај навивачите, кои почнаа да ги коментираат неговите слики со навреди и пораки дека повеќе не е добредојден во Турција и дека треба да го напушти Фенер.

Кошаркарот набрзо ги отстрани контроверзните објави, а потоа и се извини.

„Дека темата за Ерменија и Турција е многу чувствителна дознав дури откако ја споделив. Иако се трудам да учам, не знам се. Поради мојата лична и професионална почит кон она што ми го нуди Турција, сакам да нагласам дека немав намера да пишувам или да имплицирам непочитување кон Турција, нејзината историја или нејзините граѓани. Не сум Турчин, па не ја разбрав тежината што носи темава за Турците. Сакам да им се извинам на сите кои се почувствуваа повредени поради ова“, напиша Хејс Дејвис покрај турското знаме.

Останува да се види како ќе биде примен од Турците, кои се држат до својата историја и кои се особено чувствителни на прашањето за ерменскиот геноцид. Историчарите велат дека околу 1,5 милион Ерменци биле убиени од Турците за време на Првата светска војна, кога се уште биле дел од Отоманската империја.