Скромни два поени за Димитријевиќ во тешкиот триумф на Хувентуд

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ не се прослави на натпреварот против Мурсија затоа што постигна два поени во триумфот на Хувентуд (91-84) за девет минути минати на паркетот.

Домаќинот се покажа како голем залак за Хувентуд, откако неколку пати во првото полувреме имаше водство. Пред самиот финиш на втората четвртина нивното водство беше 40-37, но екипата на Димитријевиќ направи целосен пресврт (44-42).

Голема борба се водеше и во вториот дел, а Хувентуд избега на +13 (66-53), но не за долго бидејќи Мурсија се враќаше во игра. Сепак, тимот на македонскиот кошаркар во последната четвртина создаде солидна предност, која ја одржа до самиот крај (91-84).

Димитријевиќ, освен два постигнати поени за Хувентуд, имаше и еден скок за речиси девет минути минати на паркетот.