Русите ептен ја претераа: Ваква местенка досега не е видена во кошаркарска Европа (ВИДЕО)

Натпреварот од руската Втора лига помеѓу Арсенал од Тула и Динамо од Ставропол ќе влезе во историјата на европската кошарка, но не поради некоја мајсторија на теренот, туку поради срамната местенка, која беше толку очигледна што дури и самите актери не можеа да се воздржат, а да не се насмеат.

Натпреварот заврши со резултат 82-65 во корист на Арсенал, но карактеристично е што во последните седум минути беа постигнати само три поени и тоа случајно, со шут на гостински кошаркар кој сакаше да промаши. Трагикомичната фарса во овој период од играта донесе девет промашени слободни фрлања и 13 загубени топки, од кои пет беа поради истек на напад, а двапати поради минати пет секунди за изведување од страна. Вкупно за седум минути имаше седум шута, од кои пет пати промаши домаќинот, а Динамо само еднаш.

Навивачите во салата добро се забавуваа, но на крајот со свирежи ги испратија циркузантите во соблекувалните. Руските медиуми велат дека причина за местенката било илегално обложување, поради што Арсенал веднаш бил исфрлен од лигата, тренерот на оваа екипа е суспендиран до крајот на 2021 година, неколку играчи се суспендирани до крајот на сеозната, а седум кошаркари од Ставропол минаа само со опомена.

Најстрашно од сѐ, тврдат руските новинари, е што кошаркарите на Арсенал упорно тврдат дека нема ништо сомнително во овој натпревар и дека ќе сторат сѐ за да го докажат тоа.