Реал Мадрид по продолженија го доби Монако, ПАО подобар од Басконија

Кошаркарите на Реал Мадрид дури по продолженија успеаа да го победат Монако вечерва на гостувањето со 90-84 за да дојдат до 18-та победа сезонава во Евролигата и да останат лидери во групата.

„Кралевите“ беа на праг на пораз во мечот, но успеаа да стигнат до израмнување (66-66), а потоа Двејн Бејкон го промаши последниот напад за победа на „кнезовите“, по што во продолженијата Габриел Дек беше предводник за триумфот на четата на Пабло Ласо. А, требаше дури две продолженија за да се реши победникот, во кои Дек во второто даде седум поени и погоди кога беше најпотребно за да се обезбеди триумфот.

Гершон Јабуселе даде 18 поени со 10 скока, Винсент Поарие даде 10 поени со 14 скока, додека Тома Ертел додаде 10 поени со девет асистенции. Кај Монако, Бејкон и Алфа Диало дадоа по 19 поени, а „кнезовите“ го запишаа десетиот пораз.

Панатинаикос ја победи Басконија со 75-63 во меч на кој атинските зелено-бели тргнаа убедливо и брзо направија двоцифрена предност со извонредната прва четвртина (22-8), па до последниот период дојдоа до предност од 25 поени разлика, па во завршницата се опуштија за Басконија да ја преполови предноста и да доживее поподнослив пораз.

Србинот Немања Недовиќ со 16 поени беше најефикасен кај ПАО, Џереми Еванс даде 14, а Окаро Вајд – 12 поени. Кај Басконија, Вејд Болдвин беше прв стрелец со 16 поени, осум асистенции и четири скока. За ПАО ова беше само петта победа и останува претпоследен.

ЦСКА Москва го победи Уникс Казан со 86-75 за 13-та победа и петто место на табелата, Баерн во германското дерби ја доби Алба Берлин со 62-56 за трета победа во низа и осмо место моментно, последно кое води во плејофот, а третата Олимпија Милано со 65-58 славеше над последниот Жалгирис.