Реал го претрпе најтешкиот пораз во евролигашката историја! (ВИДЕО)

Пабло Ласо сезонава се соочува со големи и сериозни проблеми, од бројните повреди, па сѐ до лошата форма на неколку водечки играчи, а вечерва го претрпе и еден од најтешките порази во кариерата!

Поточно, за него и за клубот најтешки порази во Евролигата! Кралот не само што падна на колена пред моќната Басконија, туку самиот си ископа „плиток гроб“ и влезе во истиот, на крајот 105-75.

Басконија одигра натпревар каков што одамна нема одиграно. По ужасниот почеток на сезоната и доаѓањето на Педро Мартинез, тимот од Виторија го разнесе на ситни парчиња гигантот од Мадрид и ѝ покажа на цела Европа дека кризата е минато.

Не треба многу да се коментира и објаснува текот на натпреварот во кој Басконија веќе по воведните осум минути водеше со 21 поен разлика, до крајот на првиот период уфрли неверојатни 36 поени, а до полувремето водеше со неверојатни 64-44.

Вториот дел беше чиста формалност, а кај домаќините апсолутно сите 12 играчи се запишаа во листата на стрелците. Десетмина имаа барем седум поени, од кои петмина двоцифрен учинок, а најефикасен беше Родриг Бобуа со 15. Кај гостите повторно најдобар беше Лука Дончиќ со 18 поени.