Пет од пет за Барселона, Фенербахче со триумф се враќа од Грција

Вечерва беа одиграни четири натпревари во Евролигата, а важен триумф запиша екипата на Фенербахче на гостувањето кај Олимпијакос, додека Барселона славеше против Алба Берлин за петти триумф по ред во натпреварувањето.

Фенербахче имаше фуриозен старт на мечот и водство од +13 (20-7), кое до полувреме се зголеми на +16 (43-27). Олимпијакос на моменти се будеше и намали на шест разлика (39-45), но турскиот гигант повторно влезе во форма и му избега на противникот.

Олимпијакос во последната четвртина се врати во мечот и намали на само три разлика (71-74), но немаа сила за целосен пресврт, па Фенербахче славеше со 76-71, а Весели беше најдобар во победничкиот тим со 18 поени.

Алба покажа заби само во првата четвртина, која ја доби со 23-22, но потоа Барселона заигра многу подобро и на крајот славеше со 80-67 за петти триумф по ред во Евролигата, а Миротиќ со 26 поени беше најефикасен во тимот на Каталонците.

На останатите натпревари Зенит славеше против Химки со 91-70, додека Басконија го победи Милано со 86-69.