Огромен удар: АБА-лигата останува без директно место во Евролигата!

На денешниот состанок на акционерите на компанијата која е сопственик на Евролигата е донесена одлука и во иднина во ова најелитно европско натпреварување да настапуваат 18 екипи, но е променет начинот на одредување на учесниците при што е нанесен огромен удар на тимовите од просторот на поранешна СФР Југославија.

Од сезоната 2020/21 ќе биде укинат принципот за загарантирани места за настап на шампионите на одредени земји, што значи дека и АБА-лигата, во која настапуваат најдобрите екипи од просторот на поранешна СФР Југославија ќе нема загарантирано место во Евролигата. Истата судбина ги снајде и прваците на Шпанија, Германија и на ВТБ-лигата, а овие четири места ќе бидат претворени во три вајлд-карти и директен пласман и за финалистот на Еврокупот.

Според новите правила, Евролигата во сезоната 2020/21 ќе изгледа според следниот принцип: 11 екипи со „А“ лиценца (Реал Мадрид, Барселона, Басконија, Фенербахче, Анадолу Ефес, Панатинаикос, Олимпијакос, ЦСКА, Макаби ТА, Жалгирис и Олимпија Милано), носителите на двегодишна вајлд-карта (Баерн Минхен и Асвел), три екипи кои ќе добијат едногодишна вајлд-карта и два клуба од Еврокупот (победникот и финалистот).

Ваквата одлука на Евролигата нанесува огромен удар на АБА-лигата и тоа со директно губење на натпреварувачкото значење, бидејќи сега победникот нема никакви гаранции дека ќе добие место во елитата. Ова воедно значи дека вајл-карта од просторот на некогашна СФРЈ може да добие тим кој и не дошол до победничкиот прстен, што сигурно ќе влијае и за намалување на тензиите какви што можеа да се видат изминативе две сезони во финалето од плејофот помеѓу Будуќност и Црвена звезда.

Ова воедно може да се сфати и како казна за сите глупости кои можеа да се видат да средбите во Белград и Подгорица.