Најдобриот кошаркарски судија нападнат во Атина - веднаш бил пренесен во болница

По натпреварот помеѓу Панатинаикос и Барселона, што се одигра синоќа во рамки на Евролигата бил нападнат најпознатиот судија во Европа, Луиџи Ламоника. 

Инцидентот се случил откако Ламоника заедно со другите судии со такси си заминале од салата и биле на пат кон хотелот. Во меѓувреме таксито било нападнато од непознати сторители на моторцикл. Напаѓачите го скршиле задното стакло од автомобилот при што со повреди се здобил Ламоника.

Веднаш бил пренесен во болница и откако му била укажана помош бил пуштен да си оди. Со полициска придружба тој и останатите судии биле вратени во хотелот. Засега не е јасно дали инцидентот е предизвикан поради делењето на правдата на натпреварот и дали напаѓачите биле навивачи на Панатинаикос.

Гостите од Шпанија го добија натпреварот со 92-81.