Најдобриот кошаркар во Израел претепа соиграч и веднаш беше избркан! (ФОТО)

Најдобриот стрелец и најголем кандидат за МВП-признанието во Израел, Глен Рајс јуниор преку ноќ остана без клуб и доби авионски билет во еден правец, откако по поразот на неговиот тим Хапоел Холон од Галил Гилбоа го претепал соиграчот Гај Пнини и тоа во соблекувалната пред соиграчите и тренерот.

Станува збор за син на поранешен олстар и шампион во НБА и НЦАА лигата, Глен Рајс, кој го доведе лидерот на табелата во израелското првенство во непријатна ситуација, со оглед што има само една победа од најголемиот фаворит за титулата, Макаби Тел Авив. Рајс е жртва на големата тензија во соблекувалната, поради која и почнала тепачката во која подебелиот крај го извлекол пргавиот Пнини. Еден час подоцна, тој доби билет во еден правец.

Рајс јуниор одигра 18 средби во дресот на екипата од Холон со просек од 24 поени, осум скока и пет асистенции, учинок кој експресно е избришан од сајтот на израелската лига.