Летонија е шеста европска држава што поради вирусот предвреме прогласи шампион!

Екипата на ВЕФ Рига, за која сезонава настапуваа(т) поранешните играчи на МЗТ Скопје, Лестер Медфорд и Ксавиер Темс, е нов летонски шампион, откако предводниците на кошарката во оваа земја решија предвреме да го прекинат првенството поради пандемијата од коронавирусот.

Со тоа Летонија стана шестата европска држава која официјално ги „распушти“ клубовите односно предвреме стави крај на сезоната, со прогласување на моменталниот пласман на табелата за конечен. Претходно, тоа го сторија Полска, Белгија, Литванија, БиХ и Украина, каде што веќе се знае конечниот редослед на екипите.

Во Македонија ситуацијата сѐ уште е статус кво, а прволигашите до денеска на пладне имаат можност да дадат своите предлози за тоа како мислат теба да се решат работите по прекинот поради болеста Ковид-19. Сосема реално е да се очекува дека и КФМ ќе тргне по стапките на големиот број европски федерации кои ќе го прогласат пласманот на табелата во моментот на прекинот за конечен.

Кога беше донесена одлуката за стопирање на сите спортски активности во државата, МЗТ Скопје беше лидер на табелата со скор 14-3, односно две победи повеќе од Работнички и Гостивар, односно три од Кожув и од Евроникел.