Кој ќе си го оствари сонот во Белград? Реал брка „десима“, а Обрадовиќ - чиста десетка!

Спектакуларниот фајналфор-турнир од Евролигата, кој викендов се одржува во Белград, својата кулминација ќе ја добие вечерва и тоа со големото финале помеѓу Фенербахче и Реал Мадрид (20 часот), гиганти кои со свои сметки влегуваат во пресметката во „Штарк арената“.

Турскиот состав ја продолжува доминацијата со третиот пласман во финалниот евролигашки дуел по ред, во кој ќе проба да ја одбрани круната и да стане само третиот тим во 21 век што успеал да триумфира двапати по ред. Претходно, тоа им успеа само на Макаби Тел Авив (2004 и 2005) и на Олимпијакос (2012 и 2013). Но, можеби најголем мотив за триумф има тренерот на овој тим, Србинот Жељко Обрадовиќ, кој сака пред своите соиграѓани да оствари нов историски успех – двоцифрен број титули во Евролигата. Тој досега има девет, па Белград е идеалното место за него да ја прослави јубилејната десетка.

„Кралевите“, сепак, имаат сличен мотив како Обрадовиќ, со оглед што во српската престолнина можат да ја прослават популарната „десима“ односно по десетти пат да дојдат до пехарот во најсилното клупско кошаркарско натпреварување. Составот од Мадрид на фајналфор-турнирот дојде засилен со најдобриот свој кошаркар, Серхио Љуљ, кој го пропушти досегашниот дел од сезоната поради тешка повреда. Тоа може да биде и клучниот фактор на страната на Реал, чии кошаркари во Белград против себе ќе имаат и неколку илјада френетични турски навивачи.

Претходно, во борба за третото место, ЦСКА Москва, која завчера загуби од „кралевите“, ќе ги одмери силите со Жалгирис, поразениот од полуфиналето против Фенербахче.