И кошаркарите на Барса и Реал заглавија во долгови од кои – боли глава

Откако беше откриено дека дванаесетте одметници кои не успеаа да ја создадат Суперлигата заедно се во долгови до гуша од над осум милијарди евра, а Барселона и Реал Мадрид заедно стигнуваат скоро до две милијарди од тој севкупен долг, ништо подобра не е ниту кошаркарската секција на двата шпански великани, зашто во последните шест години направиле минус од – над 350 милиони евра.

Мадридскиот спортски весник „АС“ ги објави финансиските податоци на двата славни кошаркарски клубови, кои биле и европски шампиони, а тие податоци покажуваат константно негативни финансиски биланси и направен долг од 361,6 милиони евра.

Само за минатата година, Барса и Реал имаат заеднички долг од 53,1 милион евра, а во последните две години загубата им е неверојатни 113,7 милиони евра, што се алармантни податоци, а од 2017 година наваму, практично секоја сезона им носи во просек скоро 25 милиони евра губиток.

Севкупно, Реал Мадрид има 186,8 милиони евра загуба, додека Барселона е за нијанса подобра со 174,8 милиони евра во була. Таа разлика од 12 милиони евра во овој период е поради разликата во буџетите, зашто годишно Реал Мадрид е 41 милион евра (плати, оперативни трошоци и други трошоци), а Барселона има 36 милиони евра.