Гасол демантира дека се враќа во Барселона

Иако беше објавено дека шпанската кошаркарска ѕвезда Пау Гасол е пред враќање во Барселона и дека само прашање на ден е кога ќе потпише договор со каталонскиот великан, такво нешто сепак нема да се случи, откако центарот ги демантираше информациите на медиумите.

Гасол преку социјалните мрежи објави дека не се враќа во Барселона, разочарувајќи ги на тој начин навивачите на каталонската гордост. Тој за Барселона играше во периодот од 1998 до 2001 година, по што се пресели во НБА и стана еден од најдобрите странци што воопшто играле во најсилната кошаркарска лига на светот.

„Моментно сум фокусиран само на рехабилитацијата и не сум подготвен да се вратам во натпреварувачки ритам“, објави Гасол.

Тој во 2001 година потпиша за Мемфис, а играше уште и за ЛА Лејкерс и Милвоки. Со Лејкерс освои две НБА-титули, играше на шест ол-стар мечеви, а беше биран во втората и третата најдобра петорка во НБА, по два пати, а беше и дебитант на сезоната во својата руки-сезона кога стигна во НБА.