Фајнлфорот во Евролигата без гледачи и покрај желбите да има барем 25 отсто

Кошаркарскиот фајнлфор во Евролигата сепак ќе се игра без гледачи во Келн и покрај желбите да има барем 25 отсто навивачи на трибините, објави Евролигата.

Кошаркарскиот спектакл на четирите најдобри екипи сезонава во елитното натпреварување треба да се игра од 28 до 30 мај, па заљубениците во портокаловата топка ќе мора сите мечеви да ги гледаат само преку ТВ-екраните.

„Евролигата со жалење сака да ја информира целокупната јавност дека поради пандемијата со коронавирусот и во согласност со препораките на германските власти, одлучивме да го организираме фајнлфорот без гледачи“, објави Евролигата.

„Здравјето и безбедноста на навивачите остануваат примарна грижа за сите, па присуството на фајнлфорот ќе биде ограничено на тимовите, персоналот и избраните медиуми. Сите ќе бидат предмет на стриктни хигиенски протоколи и протоколи, а Евролигата ќе овозможи далечински сервис за сите новинари кои нема да можат да присуствуваат на лице место поради рестрикциите, со цел на сите да им овозможиме исти услови како на лице место“, додава Евролигата.