Евролигата ќе чека до крајот на мај за да реши дали ќе се доигра сезоната

Иако во Европа полека ги прекинуваат домашните кошаркарски шампионати, па во низа земји веќе и се прогласени новите прваци, најатрактивното натпреварување под обрачите на Стариот континент, Евролигата нема да избрзува со некакво решение за – прекин на сезоната.

Според најавите, кошаркарската Евролига ќе чека до крајот на мај за да ја види разврската со пандемијата со коронавирусот во земјите на Стариот континент, пред да донесе конечна одлука, дали сезоната ќе продолжи потоа или воошто нема да се доигра, па со тоа првпат во историјата ќе нема – европски кошаркарски првак.

Ова одложување на конечна одлука е купување на време зашто сериозна загуба ќе има конечниот прекин на сезоната, што не е ништо ново, зашто УЕФА веќе го одложи Евро 2020, а ИОК ги одложи ЛОИ во Токио, настани од кои ќе трпат сериозни загуби.

Во Евролигата, наводно, имаат неколку сценарија како би се доиграча сезоната и како би се добил кошаркарскиот владетел во Европа, ако се продолжи со кошарка од крајот на мај, но тука има проблем со продолжување на договорите на играчите, со термини кои влегуваат во летните месеци, што би значело оптоварување на буџетот во ситуација кога и кошаркарите, како и фудбалерите на многу тимови, одбиваат кратење на платата во оваа кризна состојба.

Но, колку и да сакаат челниците на Евролигата да размислуваат за продолжување на сезоната, крајната одлука сепак ќе ја донесат после консултации со Светската здравствена организација (СЗО), околу здравствената безбедност на играчите.

А, комплексноста е во тоа што, не секаде пандемијата има ист ефект и борбата е иста, како во случајот со Италија и Шпанија, кои се најзагрозени во однос на Турција, но и фактот дека не секаде во ист период ќе биде пикот на болеста, а СЗО тешко дека ќе даде „зелено светло“ да се игра некаде каде битката со пандемијата не е завршена.