Ефес го декласираше Фенербахче и избори финале во Евролигата

Анадолу Ефес е првиот финалист во Евролигата, откако денеска славеше против турскиот ривал Фенербахче со убедливи 92-73.

Ефес тргна многу подобро во мечот против Фенербахче, па создаде предност од пет поени (15-10), но нивниот ривал успеа да се врати во дуелот и направи пресврт за водство од 20-19 по првата четвртина.

Во втората четвртина повторно подобар противник беше Ефес, кој создаде предност од седум поени (29-22), а на полувреме замина со водство од 45-40.

Фенербахче се обиде да се врати во мечот во второто полувреме, но успеа само да намали на четири поен (55-59), по што го загуби ритамот и нивниот ривал се одлепи на +11.

Во последната четвртина беа решени дилемите за победникот на самиот старт, откако Ефес со серија со неколку поени успеа да достигне големо водство и на крајот да слави со убедливи 92-73.

Најдобар во редовите на Ефес беше Шејн Ларкин со 30 постигнати поени, додека кај Фенербахче најефикасен беше Јан Весели со 14 поени.