Димитријевиќ се разигра, но Хувентуд загуби од Фуенлабрада (ВИДЕО)

Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ одигра фантастичен натпревар против Фуенлабрада, но неговиот Хувентуд на крајот беше поразен со 84-93.

Фуенлабрада го почна добро мечот и постојано имаше водство, кое во еден момент изнесуваше 15-9, но Хувентуд израмни на крајот на првата четвртина на 23-23. Потоа екипата на Димитријевиќ го презема водството (44-38), но не го зачува на полувреме (48-48).

По бурното прво полувреме и пеколната борба на паркетот, Фуенлабрада го засили темпото и изгради разлика од 10 поени (72-62). Хувентуд се обидуваше да се врати и за момент делуваше дека ќе успее бидејќи намали на 77-80, но потоа почна серијата на домаќинот, кој ги постави конечните 93-84.

Димитријевиќ го заврши мечот како најефикасен кошаркар кај Хувентуд со 15 постигнати поени, четири скокови и пет асистенции.