„Десима“ за Реал Мадрид во Евролигата: Фенербахче симнат од тронот

Реал Мадрид стигна до својата десетта шампионска титула во Евролигата, откако вечерва го совлада Фенербахче со 85-80 во финалето на завршниот турнир во Белград. 

Во првото полувреме беше играта беше изедначена, а двата тима се менуваа во водството, но на паузата Фенербахче замина со предност од 40-38. Третата четвртина беше клучна во која „кралевите“ ја направија разликата. Играа одлично во двата правци за разлика од турскиот тим, кој се мачеше во нападот. Да не беше добрата одбрана на тимот на Жељко Обрадовиќ, веројатно поразот на Фенербахче ќе беше далеку поубедлив.

Реал Мадрид знаеше како да ја одржува предноста, но противникот последниот обид го направи на 21 секунда до крајот, кога Боби Диксон погоди тројка и намали на -3 поени. Сепак, „кралевите не дозволија пресврт и на крајот славеа со 85-80.

Фабиен Козер со 17 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, а Лука Дончиќ постигна 15 поени. Кај Фенербахче блескаше Николо Мели со 28 поени, но оваа негова одлична партија не беше доволна за турскиот тим да остане на тронот во Евролигата.