Дел од најдобрите светски кошаркари следното лето на гости во Белград и во Сплит!

Раководството на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) денеска го одреди терминот во кој ќе се одржат квалификациските турнири за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои наместо годинава се презакажани за во 2021 година.

Вкупно 24 селекции во четири различни града требаше летово да решат кои четири од нив ќе ја докомплетираа олимписката листа, но овие пресметки исто така се поместени за една година. Така, предолимписките турнири во Србија, Хрватска, Литванија и во Канада се презакажани за периодот помеѓу 29 јуни и 4 јули 2021 година. Победниците подоцна ќе имаат нецели три недели за подготовка пред стартот на ЛОИ, кои според новиот договор треба да бидат отворени на 23 јули, секако следната година, а ќе траат до 8 август.

Овие датуми, секако, се ставени провизорно со оглед што апсолутни никој не знае што ќе се случува со пандемијата на коронавирусот и како и кога ќе бидат рестартирани спортските настани, особено тие што се одржуваат во сала.

За балканските спортски вљубеници секако најинтересни ќе бидат турнирите во Белград, каде што покрај српската селекција ќе настапат уште и репрезентациите на Италија, Сенегал, Порторико, Нов Зеланд и Доминикана, како и во Сплит каде што покрај „коцкестите“ ќе настапат уште и Германија, Русија, Мексико, Тунис и Бразил.