Датоме: Ако Перо се обиде да ми ја исече брадата - ќе го удрам! (ВИДЕО)

Перо Антиќ повторно е на Ф4-турнирот, но овој пат како гледач и домаќин во Белград на своите доскорашни колеги од Фенербахче. Неговиот поранешен тим и оваа година, трета по ред ќе игра финале, а тој сигурно им дава поддршка во средбите надвор од теренот. 

Луиџи Датоме е еден од неговите поблиски пријатели од поранешниот тим, а интересна заедничка сцена имаа минатиот мај, кога Перо му ја исече косата и брадата откако ја освоија титулата. Го прашаа Датоме, што ќе прави ако и оваа година Перо затрча со ножици.

„Сите ме прашуваат за тоа, ама мојата брада ќе остане тука каде што е“, одговори Датоме.

„Но никогаш не се знае со Перо“, допраша новинарката.

„Нема да му дозволам, ќе го удрам во лицето“, сигурен Италијанецот.

Фенербахче ќе игра во финалето на Евролигата против Реал Мадрид, откако во петокот го надигра Жалгирис.

„Среќен сум што сум овде и што ќе играм трето финале едноподруго и ќе направиме сè што можеме за уште еднаш да ја освоиме титулата. Мислам дека во полуфиналето игравме добро, особено во одбрана. Можеби не ја контролиравме топката толку добро, затоа и тие постојано беа во игра и не се предаваа. Сепак, ние ги направивме вистинските одлуки, ги погодивме вистинските шутеви и успеавме да ја задржиме предноста. Многу би сакал сега да ја освоиме и титулата“, повтори Датоме.

Финалето се игра во 20 часот, претходно од 17.00 ЦСКА и Жалгирис играат утешен меч за трето место.