Црвената армија протатна низ Виторија: ЦСКА Москва по осми пат најдобра во Европа!

Кошаркарите на ЦСКА Москва по пауза од три години одново се на кровот на Европа, откако вечерва, без поголеми проблеми и со доминација во текот на сите 40 минути, го совладаа тимот на Анадолу Ефес (91-83) во финалето од завршниот турнир во Евролигата што се одржа во шпанска Виторија.

За „црвената армија“ ова е осми трофеј во најсилното европско натпреварување со што се зацврсти на второто место на вечната листа победници, зад ланскиот победник Реал Мадрид кој има десет титули, а пред Макаби Тел Авив и Панатинаикос кои имаат по шест. Московјани го диктираа темпото и го имаа водството во целото финале и сосема заслужено дојдоа до триумфот иако постојано беа под силен напад на мотивираните турски кошаркари.

Шутот од далечина беше главно оружје на кошаркарите на ЦСКА со оглед што постигнаа дури 14 тројки со само осум промашувања. Кори Хигинс и Вил Клејбурн со по 20 поени беа најпрецизни во победничкиот тим, додека Шејн Ларкин со 29 поени беше убедливо најдобар во составот од Истанбул.

Во малото финале, екипата на Реал М. лесно и убедливо го совлада Фенербахче со 94-75. Претходно, во полуфиналните пресметки, рускиот состав беше подобар од „кралевите“, а Ефес во турското дерби со поранешниот тим на Перо Антиќ.