Барселона премоќна за Химки, Фенербахче врза трет триумф по ред

Барселона славеше на гостуањето кај Химки во Москва со 102-94, додека Фенербахче ја победи Алба Берлин со 107-102 во рамки на 12. коло од Евролигата.

Барселона играше сигурно од самиот почеток на мечот, па по десет минути имаа водство од 31-22, а на полувреме заминаа со 61-48.

Каталонците играа цврсти и во второто полувреме, па не му дозволија на Химки ниту во еден момент да направи пресврт (102-94).

Никола Миротиќ беше најдобар кај Барселона со 28 поени, а кај Химки најефикасен беше Алексеј Швед со 23 поени.

Зенит Санкт Петербург беше подобар на домашен терен од Асвел со 75-70, а до триумф ги предводеше Алекс Ренфро со 16 поени.

Фенербахче по едно продолжение успеа да ја реши Алба Берлин со 107-102, а најдобар во победничкиот тим беше Костас Слукас со 19 постигнати поени.