Антиќ: Се откажав од многу пари за да завршам во Ц. Звезда!

Македонскиот кошаркарски интернационалец, Перо Антиќ, во интервју за српските медиуми најави дека претстојната сезона најверојатно ќе биде последната во неговата кариера.

Крилниот кошаркар потенцира дека не му било сѐ во парите поради што се откажал од солидна сума од Фенербахче само за да се врати во својата Црвена звезда.

„Сега сум 12 години постар од моментот кога првпат дојдов во Белград и среќен сум што се вратив во клубот кој го сакам. Ова најверојатно ќе биде мојата последна сезона во кариерата и сакам истата да ја завршам во Звезда, како што отсекогаш сум посакувал. Клубот е сериозно издигнат во однос на претходното мое играње тука, клубот се издигна во многу аспекти - својот маркетинг, бизнис, па и своите резултати. Се надевам дека ќе продолжиме да ги радуваме нашите навивачи“ , вели Антиќ.

Трикратниот европски шампион потврди дека во Белград ќе игра за многу помалку пари од тоа што можеше да го заработува во Истанбул.

„Се откажав од поголемиот дел од договорот. Не е сè во парите. Сакам да ја завршам кариерата во клубот кој го сакам, во градот каде што се чувствувам добро и ќе играм за навивачите, а исто така ќе бидам и блиску до мојот дом“ , дополни 35-годишниот ветеран.

Антиќ првите средби по враќањето во дресот на Црвена звезда ќе го има викендов, кога црвено-белите ќе настапат на силен евролигашки турнир на Крит.