„Ако те пуштиме сега дома, сабајле нема да се разбудиш!“

Босанскиот кошаркар Џенан Муса по промена на неколку клубови конечно успеа да го пронајде вистинскиот тим за себе, откако се пресели во Реал Мадрид, но зад него е сезона која ќе остане запаметена по тешка повреда, поради која мораше да направи пауза.

Муса добил удар во грлото, поради што потоа морал да се плаши за неговиот живот, а во разговор со медиумите откри што точно му се случило.

„Беше многу страшно. Се фатив за вратот и не можев да зборувам. Сакав да му кажам на судијата, но немав глас. На полувреме влегов во соблекувална, застанав пред огледало и гледал дека гркланот ми е изместен. Мислам дека имам проблем со очите, го вратив гркланот, но тој не сакаше да стои на место“, вели Муса.

Босанецот решил да го доигра мечот, по што докторот му кажал да оди дома да се одмори и следниот ден да направат дополнителни прегледи. Меѓутоа, Муса почуствувал немир и заминал во болница, каде што веднаш откриле голем хематом и го испратиле на снимање.

„Чекав и зборував со Рахид што да ми нарача од ресторан. Потоа влегоа пет доктори, а еден ме фати за рака и ми кажа да не се плашам и дека сè ќе биде во ред, но ако ме пуштат дома, следното утро нема да се разбудам. Не ми беше јасно. Ми соопштија дека за 10 минути мора итно да ме оперираат. Ми ја покажаа снимката, ми кажаа дека можам да дишам буквално со два проценти и тој дел може во секој момент да се затвори, а во таков случај ќе ми нема спас. Во тој момент ниту кошарката, ниту натпреварот, ништо не ми беше важно. Се јавив кај моето семејство, буквално за да се збогувам. Мислев дека нема да се спасам“, открива кошаркарот.

Муса ја почна кариерата во Цедевита, по што беше избран како 29. пик на драфтот во 2018 година од страна на Бруклин нетс, но не доби многу шанса во НБА-лигата, па се пресели во Анадолу Ефес.