Здружението на кошаркарски прволигаши првпат за претседател ќе добие – жена!

Во пресрет на новата кошаркарска сезона, Здружението на прволигаши ќе добие нов претседател, кој би дошол на местото на Видоја Секуловски од МЗТ Скопје, чиј мандат веќе заврши, а кој за првпат ќе биде претставничка на – понежниот пол.

Станува збор за Мери Ковачевска од тимот на Пелистер, која денеска, засега неофицијално, ги доби потребните гласови од останатите прволигаши, на гласањето одржано преку електронска пошта. Таа од минатата сезона е дел од амбициозната управа на клубот од Битола, кој летово сериозно се засили и кој предводен од тренерот Марјан Илиевски, репрезентативците Бојан Трајковски и Бобан Стајиќ и веќе ангажираните неколку странци, дефинитивно ќе атакува на самиот врв од табелата.

Пред првата дама-претседател на Здружението ќе биде сериозна задача во пресрет на една турбулентна сезона, каква што дефинитивно ќе биде таа што доаѓа со оглед на сѐ уште актуелната пандемија со коронавирусот. Креирањето на календарот, подобрување на протоколот за игра, начинот на кој би се решило првенството во случај на нов предвремен прекин се само дел од работите со кои Ковачевска ќе треба да се фати во коштец, секако заедно со раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).