Завршница за Хичкок: Одамна немало повозбудливи 25 секунди во „Храмот на кошарката“ (ВИДЕО)

Кошаркарите на Работнички и на Гостивар синоќа го одиграа сигурно највозбудливиот натпревар кој е виден на македонските терени во 2019 година, откако прво двете екипи во повеќе наврати правеа резултатски пресврт, за победникот да биде решен со наизменични кошеви на двете страни во последни скоро две секунди.

Триумфира домашниот тим, но претходно гостиварци буквално почнаа да се радуваат на победата, со оглед на кошот кој Американецот Доналдсон го постигна на 1,7 секунди до крајот и тоа по офанзивен скок за водство 90-89. Но, тоа не значеше предавање од страна на центарци, чиј тренер Димитар Мираковски нацрта извонредна акција и буквално на противникот му продаде баскет-финта по која Данило Мијатовиќ остана сам под кошот, по што не му беше тешко да реализира за конечен триумф со 91-90.

Лошата игра во одбраната донесе пораз на тимот од Западна Македонија, а со тоа и големо разочарување, па и по некоја солза на играчите на Гостивар, кои беа во водство во најголемиот дел од средбата, а во еден момент водеа и со плус 12 поени разлика (44-32). Од другата страна, пак, разбирлива беше еуфоријата кај црвено-белите, кои со новиот и драстично променет состав дојде до првиот дерби-триумф.