Заврши паузата во Првата лига: Фени лесно го искачи Пелистер и тоа во – Охрид!

Кошаркарите на Фени индустри со победа го отворија вториот дел од сезоната во Првата лига, откако попладнево, како гости во Охрид (поради големиот студ во Битола), го совладаа Пелистер (90-86) во првиот меч од 12. коло.

Кавадарчани постојано беа во позитива, најчесто со двоцифрена разлика, додека домаќинот во финишот со серија 10-1 успеа да се приближи на само минус два (82-84), што, сепак, беше сѐ што направи на овој натпревар.

Јане Петровски со 23 поени и осум асистенции беше најдобар во победничкиот тим, Кенет Фундербург постигна 18 додека Лук Мајер и Предраг Пајиќ средбата ја завршија со по 16 поени. Габриел Билер со 34 поени и 11 скока беше најдобар кај Пелистер

Денеска играат уште Куманово и Вардар односно Кожув и Гостивар (двете се во 18 часот), утре е дербито на колото помеѓу МЗТ Скопје и Блокотехна (19 часот) додека в среда Работнички ќе го пречека АВ Охрид.