Екипата на Кожув летово се засили со неколку актуелни и поранешни македонски репрезентативци и најави напад на врвот од табелата во домашното првенство, што ако се суди според резултатите во подготвителниот период такво нешто тешко би можело да се случи.

Ваквиот заклучок најмногу се однесува на играта и резултатот од пријателскиот меч на гевгеличани против довчерашниот грчки второлигаш Лариса, во кој загубија со неверојатни 54 поени разлика (58-112). Станува збор за противник кој минатата сезона по името Ермис Агиас беше седми во Втората лига на јужниот сосед, кој летово по административен пат доби прволигашки статус под ново име.

Предраг Пајиќ со 15 и Бојан Трајковски со 13 поени беа најпрецизни кај составот од Гевгелија, додека Павловиќ постигна девет, а Караџовски осум поени.

Ова беше првиот од двата пријателски меча помеѓу овие два тима, а вториот ќе се одигра денеска.