За плејофот има опасност од Ковид-19, ама за куп-завршницата короната ќе ја – снема!

По пауза од повеќе од две години, кон средината на следниот месец и дефинитивно ќе се одржи завршницата од Купот на Македонија, откако Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска распиша конкурс за барање организатор на турнирот што ќе се одржи од 14 до 16 мај.

Заинтересираните за улогата на домаќин на најдобрите осум тима во ова натпреварување имаат можност да се „пријават“ до 15 април со уплата на 10-отсто од почетната сума која ќе мора да ја плати среќниот добитник, а која изнесува 500.000 денари. Ако има повеќе од еден кандидат, тогаш ќе се одржи лицитација во која заинтересираните ќе се наддаваат за добивање на куп-домаќинството. Во спротивно, ако нема ниту еден пријавен, тогаш улогата на организатор ќе ја има Куќата на кошарката, која потоа може да најде коорганизатори за заеднички да ги нагостат тимовите на фајналејт-турнирот.

Најголемо изненадување во огласот на КФМ е фактот што потенцијалниот организатор „ги добива правата и обврските што му припаѓаат според Правилникот за куп-натпреварувања и според Прирачникот за организација на финалниот турнир“, што значи дека не му е наложено завршницата да биде организирана во т.н. „балон“. Изненадувањето е во делот што Куќата на кошарката веќе донесе одлука плејофот да се игра во „затворен систем“ и тоа во три одделни „балони“ за четвртфиналниот, полуфиналниот и финалниот дел од доигрувањето.

Прашање што во моментов се наметнува е ако пандемијата со корона-вирусот е причина плејофот да се игра во „балон“, зарем не постои таква потреба и првото издание на Купот Благоја Георгиевски-Буштур да биде организиран според ист принцип. Или, некој знае нешто повеќе од другите, односно дека корона вирусот претставува опасност за средбите од првенството, но дека не ги „напаѓа“ дуелите од Купот на Македонија.