Втора титула за Македонецот: Тодоров со Левски е нов шампион на БИБЛ!

Екипата на Левски Лукоил е нов шампион во Балканската лига (БИБЛ), откако во вечерашното финале лесно го совлада тимот на Башкими од Призрен со 83-72.

Со ова беше ставен крај на фајналфор-турнирот во Самоков, каде што настапуваше и македонскиот тим Блокотехна, кој заврши на четвртото место, најмногу поради пристрасноста на судиите во двата нивни меча.

Меѓу освојувачите на титулата е и доскорешниот тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, кој во моментов е дел од стручниот штаб на Левски Лукоил. За него ова е втор победнички пехар во БИБЛ, по триумфот кој го направи како тренер на Рилски спортист во првото издание на ова натпреварување во 2009 година и тоа исто така во завршница која се одржа во Самоков.