МЗТ Скопје и Работнички ја почнуваат војната за титула и за – меѓусебен сеир!

По неколкудневното препукување со соопштенија, вечерва би требало и официјално да почне војната помеѓу Работнички и МЗТ Скопје онаму каде што и треба да се води – на паркетот и тоа во „Градски парк“, за каде што е закажан првиот финален меч (20 часот) од серијата до три победи.

Забраната за присуство на гостинските навивачи и заканата за бојкот ако не бидат запазени безбедносните регулативи во салата само дополнително ги вжештија ионака не баш пријателските односи на двата најдобри кошаркарски тима кај нас. Сето ова најавува бурна и до крај неизвесна пресметка, за која најголем успех ќе биде ако заврши мирно без преселба на „зелената маса“. Влогот е голем и тоа не само шампионскиот трофеј туку и можноста да му се „фаќа сеир“ на поразениот, знаејќи ги односите помеѓу управите на двата финалисти.

Улогата на мал фаворит ја има Работнички, најмногу поради фантастичната игра во регуларниот дел од сезоната со скор 30-2 и низата од 22 победи по ред каква што немал ниту еден друг тим досега во Македонија. Црвено-белите згора на тоа сезонава сѐ уште немаат загубено на домашен терен (18-0), што би можело да биде исклучително важен фактор со оглед што центарци евентуалната „мајсторка“ би ја играле токму пред своите фанови. Избраниците на тренерот Марин Докузовски се решени да сторат сѐ за да дојдат до 15. титула и да стават крај на сушниот период кој трае уште од 2009 година.

„Пред нас се натпревари кои ги очекувавме цела година и за кои трениравме и се мачевме изминативе девет месеци. Постојат сите предуслови за фантастично финале, со оглед што ќе играат два квалитетни тима. Уште пред да почне плејофот заборавивме дека сме први и дека имавме 22 победи во низа. Полуфиналето го минавме успешно и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и дека ќе ја вратиме титулата во „Градски парк“, вели Димитар Мираковски.

Адут во ракавот има и тимот од „Јане Сандански“, кој играше променливо сезонава, но кој дојде до најважната победа токму против вечерашниот противник во финалето од Купот на Македонија во Кавадарци. Аеродромци во серијата со Блокотехна покажаа подобрување на формата и најавија дека нема лесно да го отстапат шампионскиот трон, без разлика што вечерва ќе настапат без снајперистот Марко Симоновски поради повреда.

„Зад нас е исклучително тешка сезона во која, сепак, стигнавме до финалето. Нѐ чека противник кого добро го познаваме. Работнички е тим кој беше многу добар оваа сезона, може да се каже дури и непобедлив. Поради тоа, противникот е мал фаворит во овој дуел, но дерби како дерби, никогаш не се знае кој ќе победи. Како колектив се надеваме на успех и се надеваме дека шампионската серија за МЗТ ќе продолжи и понатаму. Сакаме титулата да остане во Аеродром“, вели Игор Пенов.

Двата тима досега сезонава одиграа пет средби, а меѓусебниот скор е 3-2 во корист на Работнички. Ова ќе биде прв финален плејоф-дуел на вечните по пауза од четири години, а вкупно осми во историјата. Серијата ќе продолжи в среда во „Јане Сандански“ додека последниот гарантиран меч ќе се одигра в петок повторно во „Градски парк“.