Време е за спектакл: Работнички и МЗТ по осми пат ќе бијат битка за титулата!

Со триумфот на МЗТ Скопје на гости кај Блокотехна за конечни 3-1 во полуфиналната плејоф-серија се комплетира двојката за големото плејоф-финале во кое актуелниот шампион ќе го одмери силите со вечниот ривал Работнички, кој претходно со листи 3-0 го преслуша Куманово.

Епилог на радост на сите вљубеници на кошаркарскиот спорт, на навивачите на двата тима за кои ниту една титула не е толку слатка како таа освоена директно против најлутиот ривал. Претстојната пресметка ќе биде вкупно осма помеѓу сината и црвената страна на Скопје, а досегашниот скор е 6-1 во корист на екипата од „Градски парк“. Убедливото водство на Работнички пред сѐ се должи на доминацијата во првата деценија по осамостојувањето на државата, додека аеродромци се во налет со оглед што се во низа од дури шест титули по ред.

Црвено-белите беа подобри во меѓусебните дуели во 1993, 1996, 1998, 1999, 2001 и 2004 што значи дека минаа веќе 14 години од последниот пат кога се радуваа во финалните пресметки со вечниот ривал. МЗТ Скопје, пак, го доби последниот меѓусебен дуел во 2014 година, што им носи дополнителен мотив за избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов да излезат подобри во однос на четата од Центар.

Двата тима сезонава одиграа пет натпревари, а скорот во меѓусебните дуели е 3-2 во корист на Работнички. Составот предводен од Марин Докузовски сите победи ги оствари во првенството додека сино-белите го добија најважниот досегашен дуел и тоа во финалето од Купот на Македонија во Кавадарци.

Засега не е официјално познато кога ќе почне големото финале, а како најверојатна опција се споменува следниот понеделник по што би се играло секој втор ден. Повторно се игра до три победи, серијата стартува во „Градски парк“, каде што би се одиграла и евентуалната „мајсторка“.