Време е за финале: Работнички контра Блокотехна – кој и да победи ќе испише историја!

Кошаркарите на Работнички и на Блокотехна се на чекор до влез во историјата на македонската кошарка, секој на свој уникатен начин, а кој ќе успее во тоа ќе покаже денешното финале од Купот на Македонија (17.30 часот) како кулминација на возбудувањата на завршниот турнир кој викендов се одржува Гевгелија.

Улогата на фаворит, дефинитивно, е на страната на тимот од „Градски парк“, првенствено поради поголемото искуство во пресметки од ваков тип, а згора на тоа на фактот што во тимот има ветерани кои многу пат биле во вакви ситуации. Марин Докузовски е фактор плус во целата приказна наречена десетти трофеј за Работнички, со кој би станале прв тим во историјата со двоцифрен број куп-пехари и одново би биле осамени на врвот на вечната листа.

Минус е преголемиот замор поради неверојатниот драматичен полуфинален дуел против МЗТ Скопје, особено што носителите на играта се „дебело“ влезено во четвртата деценија од животот. Црвено-белите имаат само 17 часа за рехабилитација и рекуперација по 50-минутниот маратон против вечниот ривал кој дефинитивно ги испразни и физички и емотивно.

Блокотехна, пак, можеби ќе го одигра најлесниот меч сезонава бидејќи овој тим веќе е победник со самиот пласман во големото финале, само две ипол години по формирањето на клубот. Само една недела по триумфот во БИБЛ влегуваат во историјата како 16. клуб кој ќе игра во финалето од Купот на Македонија, а имаат шанса да станат само деветти тим кој го кренал победничкиот пехар.

Енергијата и големото срце е главен адут на гевгеличани, кои вечерва ќе имаат и голема помош од трибините. Борбеноста која изминатиов период ја покажуваат е на граница на фанатичноста и таа ќе биде еден од факторите за евентуален триумф во „војната“ со Работнички. Проблем за Марјан Илиевски е кусата ротација и повредите на Данило Мијатовиќ и Горан Главчев и исто така заморот од пренатрпаниот календар, без разлика што кошаркарите на овој тим имаа неколку часа повеќе за одмор.

Неутралните спортски вљубеници, пак, се надеваат на фер и спортска атмосфера и спектакл кој доликува за финале на Купот на Македонија. А, дали тоа ќе биде „десетка“ за Работнички или сефте за Блокотехна ќе покажат 40-те минути (најмалку) во салата „26 април“ во Гевгелија.