Војната продолжува: МКФ му забрани на Работнички да игра во Градски парк!

Актуелниот првак, а од вчера и победник во Купот, екипата на Работнички доби дефинитивна забрана за играње на домашните средби во Градски парк, согласно на одлуката на УО на МКФ од почетокот на сезоната.

Центарци денеска добиле допис од Куќата на кошарката со известување дека мора да пријават нова сала за средбите од Суперлигата, бидејќи нивниот дом не ги исполнува стандардите за играње во овој ранг од натпреварувањето. Од МКФ направиле повторна инспекција на 3 април на кошаркарскиот храм изграден далечната 1970 година, но утврдиле дека недостатоците од стартот воопшто не се отстранети.

Заедно во пакет со салата на Работнички, забрана за настап доби и Вардар, кој нема да може да игра во Плејаутот во малата сала Кале, исто поради недостатоци кои не се отстранети навреме.

Сега останува да се види реакцијата на Работнички, особено што денешниот допис може да се сфати како противудар на МКФ за заканите со кривични пријави кои од црвено-белиот табор беа упатени кон Петар Наумоски и соработниците. Причина за тоа беше недозволување на регистрацијата на американското засилување, Ксавиер Џонсон.

Уште претходно, како резервна опција се споменува преселба во големата сала во СРЦ „Кале“.