Во Работнички пресреќни од нападот, аеродромци веруваат дека има време за исправање на грешките!

Различно беше расположението кај Марин Докузовски и на Жељко Лукајиќ, тренерите на Работнички и на МЗТ Скопје, по вечерашното завршување на дводневното вечно дерби, кое заврши со убедлив триумф на црвено-белите од „Градски парк“.

Стратегот на центарци ја фалеше играта во напад на неговите момчиња, верувајќи дека со овој триумф речиси е обезбедено првото место на табелата пред плејофот.

„Не е лесно да се игра во празна сала. Нашата мотивираност остана иста како и вчера, а во доигрувањето на средбата одигравме одлично во нападот, за кој противникот немаше одговор. Го контролиравме мечот и заслужено победивме. Со овој триумф најверојатно ќе бидеме први сѐ до стартот на плејофот, но ќе продолжиме во ист стил без опуштање. Свесен сум дека некогаш мора да загубиме, но се надевам дека тоа ќе биде подоцна“, изјави Докузовски.

Предводникот, пак, на „металците“ оправдувањето не го најде ниту во неиграњето на Јуре Лалиќ во денешното доигрување, туку во лошата дефанзива.

„Проблемот во одбраната е очигледен кога ќе се примат сто поени. Лалиќ не играше денеска, но тоа не е оправдување. Добро е што има време да поработиме на грешките и да ги исправиме пред да почне борбата за титулата. Најважно е да нѐ служи здравјето, односно да немаме проблеми со повреди како досега“, вели Лукајиќ.

Работнички сега има скор 19-0, додека МЗТ е на 13-6.