Во Македонија ризикот со здравјето и животот на кошаркарите чини 2.400 денари!

Македонија е, речиси сигурно, една од ретките земји во кои се игра професионална кошарка во кои е дозволено еден прволигашки натпревар да почне без присуство на медицинско лице, нешто што се случи на дерби-дуелот помеѓу Работнички и Кожув, кој заврши со триумф на гостинскиот тим.

Според делегатскиот извештај, центарци не обезбедиле дежурен лекар, на што биле должни според член 16.3 од Пропозициите за натпреварување, за што се казнети со „дури“ 2.400 денари. Прашање е само зошто делегатот дозволил воопшто да почне натпреварот и кој во тој случај, во отсуство на лекар, ја презел одговорноста за здравјето на актерите на теренот. Работнички во ситуацијава го искористил само тоа што го дозволуваат актите, каде што е предвидена минимална казна, но дилемата е како Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) со години наназад го толерира ваквиот пропуст, кој е исклучително чест во младинските категории.

Во АБА-лигата, на пример, децидно е кажано дека домашната екипа МОРА да обезбеди дежурен лекар и екипа на брза помош во салата, што значи дека не е предвидена друга опција во случај тоа да не биде исполнето. Ова не е направено случајно, туку од аспект да се заштитат кошаркарите, што е особено важно во последните десетина години, во кои сме сведоци на голем број драматични ситуации на „живот и смрт“ што се случуваат на спортските борилишта. Во тие моменти, секоја секунда при реакцијата на лекарите е важна, па отсуството на медицинско лице на еден спортски натпревар би можело да има кобни последици, поради што никако не смее да се дозволи.

Но, очигледно дека и најновата гарнитура што е на власт во КФМ, а која во предизборната кампања вети „брда и долини“ само ако бидат изгласани, не размислувала на оваа тема, поради што сѐ уште се дозволува ризик од играње без лекар за смешна казна од 40 евра.

Тие, исто така, не предвиделе што ако некој клуб не го почитува во целост безбедносниот протокол во борбата против коронавирусот, каква што била ситуацијата на средбата помеѓу Работнички и Кожув, на која не било мерена температура на никого кој влегувал во салата и дали натпреварот воопшто би требало да се одигра во една таква ситуација. За тоа, центарци се само парично казнети со дополнителни 8.000 денари.

Најголема казна на колото, пак, доби МЗТ Скопје, чија управа ќе треба да плати 10.000 денари за јавно коментирање на судењето, дури и во ситуација кога кошаркарите на овој тим воопшто не истрчаа на паркетот со оглед на одложениот дуел со Вардар.