Во Македонија младинската кошарка наместо на паркет се игра на – Плејстејшн!

Пандемијата со коронавирусот во нашата држава, на спортски план, најжестоко удри по младинските категории на спортовите кои се играат во сала, од кои некако најголеми реакции има од кошаркарските клубови и школи, чии таленти, според информациите од таму, веќе девет месеци наместо на паркет својот натпреварувачки дух го одржуваат со играње средби на – Плејстејшн.

Македонската младинска кошарка е „замрзната“ од март минатата година, кога почнаа глобалните проблеми со болеста Ковид-19 и оттогаш не е направен ама баш никаков напор да се дојде до некакво решение, ниту за доигрување на минатата сезона, ниту, пак, за почеток на новата. Минатото лето имаше наговестувања дека би можело да се одиграат барем завршните турнири, особено што епидемиолошката ситуација во тој период беше поволна, но челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) не собраа сили, ниту покажаа желба такво нешто да се оствари.

За разлика од нив, речиси насекаде во регионот кошаркарските предводници барем се обидуваа да создадат услови и да им овозможат на талентите на возраст од 12 до 18 години да се натпреваруваат против своите врсници. Така, кај најголем дел од нив минатата сезона беше доиграна во текот на летото, а новата почна и се играше до влошувањето на епидемиолошката состојба во државите на почетокот од минатиот декември. Така беше во Словенија, Грција, Бугарија, каде што веќе има одлука првенствата во младински категории да продолжат следниот викенд. Во Србија, пак, се игра цело време без прекини, во машка и женска конкуренција за сите возрасни категории, а слично е и во Црна Гора.

Клубовите, школите, но пред сѐ младите вљубеници во кошаркарскиот спорт со нетрпение чекаат некаков потег на Перо Антиќ и неговите соработници, кој би значел нивно враќање на паркетот и играње натпревари во „живо“ наместо организирање турнири на Плејстејшн, преку кои тренерите се обидуваат да го задржат натпреварувачкиот дух кај своите избраници. Уште повеќе што КФМ на располагање ја има салата СРЦ „Кале“ каде што можеа и претходно, а би можеле и во иднина да се играат сите натпревари од младинските лиги, со максимално запазување на безбедносните мерки за заштита од коронавирусот.

Но, за тоа е потребна желба и работа, а не само изговори, какви што клубовите и младите кошаркари слушнаа премногу во изминативе девет месеци.